Свет Балкан „Вечерње новости“: Николиќ ќе биде шеф на советот за соработка со Русија...

„Вечерње новости“: Николиќ ќе биде шеф на советот за соработка со Русија и со Кина

Претседателот на Србија во заминување, Томислав Николиќ, по истекот на мандатот на крајот на мај, ќе премине на нова функција – шеф на Националниот совет за соработка со Русија и со Кина, објави денеска белградскиот весник „Вечерње новости“.

Весникот пишува дека српската влада во наредните две недели би требало да донесе официјална одлука за новата функција на Николиќ. Се наведува и тоа дека Николиќ на средината на јуни можно е да отпатува во посета на Москва, на разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин, кој, како што е најавено, треба да му додели одликување.

Николиќ, по победата на Александар Вучиќ на претседателските избори, изјави дека и по истекот на мандатот ќе продолжи да ѝ помага на Србија „преку пријателствата што ги остварил со претседателите на други држави, а особено со претседателите на Русија и на Кина“.

Примопредавањето на должноста претседател на државата помеѓу Вучиќ и Николиќ треба да се одржи на 31 мај.