Македонија Веб-страницата на Владата ги чека фотографиите и биографиите на новите министри

Веб-страницата на Владата ги чека фотографиите и биографиите на новите министри

Владата на Република Македонија ја ажурира содржината на својата официјална веб-страница со додавање биографии и фотографии на новоизбраните министри, процес кој треба да заврши во наредните денови, велат од Владата за „Мета“.

Категоријата „влада“ во која беа набројани сите министри и премиерот на државата на официјалната веб-страница на Владата, извесно време не е достапна.

Помеѓу категориите „програма“ и „прес-центар“ до пред неколку дена имаше категорија „влада“, која беше поделена на три поткатегории. Во првата беше претседателот на владата, во втората колона беа замениците на претседателот на владата, а во третата категорија беа другите министри. За секој од членовите на владата достапна беше и биографија.

Од Владата за „Мета“ велат дека категоријата ја нема затоа што тој дел од веб-страницата се ажурира за да бидат застапени новоизбраните министри со нивни фотографии и биографии.

– Во тек е процес на содржинско и на техничко ажурирање на тој дел од веб-страницата за да се застапат новоизбраните министри, процес кој опфаќа нивно фотографирање, подготовка на биографии и техничко внесување на овие податоци. Ценевме дека е соодветно тој дел да не биде видлив додека не се завршат овие процеси. Во текот на денешниот или утрешниот ден, процесот на ажурирање ќе биде завршен и тој дел од веб-страницата ќе биде видлив – вели портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.