Инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, здравството, екологијата, дигиталната трансформација, поврзување на целиот регион на Западен Балкан преку проекти од ИПА 3 фондовите. Ова беше главната тема на денешната прес-конференција на премиерот Зоран Заев и Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји.
Меѓу другото премиерот Заев рече дека вчера на сметката на буџетот легнале 80 милиони евра, „а останатите 80 милиони евра ќе ги добиеме во следниот период како резултат на солидарноста на Европската Унија и поттикот за работа на оваа влада за поддршка на здравствениот систем, финансискиот пакет и социо-економскиот пакет“.
Поводот за посетата на Вархеи е презентација на редовниот извештај за реформскиот напредок на државата, но уште повеќе за презентација на инвестицискиот и економскиот план за земјите од Западен Балкан за кои ЕУ одвојува 9 милијарди евра во рамки на ИПА 3-програмата.
Тој додаде дека во соработка со Вархеи и неговиот тим, приоритетите на Владата во поглед на проекти поврзани со автопатиштата, железницата, гасната мрежа, гасните станици, енергетски проекти, прочистителни станици, поддршка на домашните компании биле вметнати во економскиот инвестиционен пакет за цел Западен Балкан.
„Овие пари се наменети за кохезија на цел Западен Балкан и ќе зависи од нашите капацитети за имплементација на проекти. Проектите се спремни и амбициите се за следните четири години додека е мандатот на Вархеи и на оваа Влада да се пуштат во употреба многу автопатишта кои ќе ги поврзат главните градови, железницата, гасни централи како замена на јаглен, изградба на ветерници и фотоволтаици како обновливи извори на енергија,“ додаде Заев.
Еврокомесарот Вархеи истакна дека инвестициониот и економскиот план ќе даде значителен поттик на економиите во Западен Балкан во напорите за заздравување од кризата и да го фатат економскиот и општествениот чекор со државите од ЕУ.
Тој порача дека во регионот треба да се поврзат сите главни градови, што сега е пречка за трговијата.
„Регионот да се поврзе со останатиот свет во поглед на широкопојасен интернет, дигитална инфраструктура. Потребна е поголема сигурност на енергетскиот систем, зголемување на расположливоста на енергетските ресурси. Овие проекти ќе овозможат намалување на 60 процнети на емисиите на штетни гасови и да се отстрани смогот. Не е прашање колку пари ќе добие една земја, треба да се работи на цел регион за да се развие,“ додаде Вархеи кој најави и дополнителни 20 милијарди евра за следен период.
Во однос на извештајот за реформскот напредок, порача дека потребни се резултати на терен од спроведување на законите за владеење на правото во судство, обвинителство. Вархеи даде забелешка и за недоволната искористеност на потенцијалот на ромската заедница на пазарот на трудот како и вклучување во образовниот процес.
Меѓувладината конференција помеѓу Севербна Македонија и земјите од Европската унија во рамките на преговарачкиот процес, се очекува да се случи до крајот на оваа година.
Во однос на прашањето околу најавите на Бугарија дека нема да дозволи да се одржи првата меѓувладина конференција со што официјално ќе започнат преговорите за членство во Унијата, Вархеји посочи дека во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија е да ги решат отворените прашања, а сега е моментот да се потигне тоа.
„Гледам спремност кај двајцата премиери и се надевам дека ќе успеат да најдат решение. Ако можеме ние да помогнеме, тогаш ќе помогнеме. Јас не би драматизирал многу, но прашањето е сериозно“, рече Вархеји.