Свет Балкан Ван дер Белен – Земан: На Западен Балкан местото му е во...

Ван дер Белен – Земан: На Западен Балкан местото му е во ЕУ

Претседателите на Австрија и на Чешка, Александар ван дер Белен и Милош Земан, денеска во Прага побараа Европската Унија да посвети повеќе внимание на Западен Балкан и, секако, да го одржи ветувањето дека земјите ќе влезат во ЕУ.
– Со претседателот Земан разговаравме за Западен Балкан и за тоа дека е неопходно да се одржи нивниот влез во ЕУ. Постојат одредени ставови кога станува збор за развојот на БИХ. Сметаме дека ЕУ треба да посвети повеќе внимание отколку досега – рече Ван дер Белен.

Претседателите, освен за економските односи, разговарале и за бегалците. Австрискиот претседател рече дека со неговиот чешки колега немаат исти ставови по ова прашање.

– Немаме идентична позиција. Можеби тоа е и прашање на традиција. Да речеме, за време на војната во поранешна Југославија, во Австрија стигнаа околу 80.000 бегалци од БИХ. Половина од нов останаа во земјата, а многу од нив се од муслиманска вероисповед. Немаме никакви проблеми – рече Ван дер Белен.

Земан го повтори своето несогласување со австрискиот колега за бегалските квоти и за прифаќање муслимански мигранти, и тоа во име на целата Вишеградска група.

– Како што се вели, се согласивме да не се согласиме. Морам да кажам дека го пренесов ставот кој не е само мој личен, туку став на Вишеградската група, да не се согласуваме со бегалските квоти што ги воведе ЕУ. Секако, ме интересираше и ставот на Австрија, затоа што Австрија има далеку поголеми искуства со мигрантскиот бран, мислам на муслиманската миграција, отколку Чешка – рече Земан.