Македонија Вакцините против ковид-19 за Западен Балкан ќе пристигнат во исто време со...

Вакцините против ковид-19 за Западен Балкан ќе пристигнат во исто време со вакцините за ЕУ

Фото: CDC на Unsplash

Европската комисија прави напори вакцините против ковид-19 да пристигнат во земјите од Западниот Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на ЕУ, информираше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој утрово имаше состанок со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и колегите од регионот. Вархеји укажа дека за специфичните потреби на секоја од земјите во регионот, ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на Унијата.

Димитров пак, истакна дека во период кога набавувањето на вакцината претставува врвен приоритет, ваквата иницијатива на Европската Унија е од исклучителна важност.

„Фактот што овие вакцини ќе бидат првите кои Северна Македонија ќе ги има на располагање е јасен сигнал дека Западниот Балкан е неизоставен дел од политиките на солидарност на Унијата, во моментите кога тоа е најпотребно“, истакна Димитров.

Тој додаде дека активно се работи на Планот за вакцинација базиран на препораките на ЕУ којшто врз основа на повеќе критериуми ќе ги дефинира приоритетните групи, посочувајќи дека се финализира анализата на овие групи и се проценува бројот на пациенти кои ќе бидат првично вакцинирани.

„Овој план ќе биде споделен и со еврокомесарот Вархеји во наредните денови,“ рече Димитров.