Главна секција Вајгл за „Мета“: Бојкотот на СДСМ може да биде сериозен удар за...

Вајгл за „Мета“: Бојкотот на СДСМ може да биде сериозен удар за европската иднина на Македонија

Одлуката на водечката македонска опозициска партија СДСМ да не учествува на предвремените парламентарни избори на 5 јуни може да претставува сериозен удар не само за процесот на демократизација на земјата, туку и за нејзината стабилност и за нејзината европска иднина во целост, изјави за „Мета“, европратеникот и специјален известувач за Македонија, Иво Вајгл.

– Обвиненијата за неправилности, недостигот од транспарентот и одложувањето на имплементирањето на Договорот од Пржино треба сериозно да се разгледаат – оцени Вајгл.

Европратеникот, сепак, оцени дека не е доцна да се создадат услови, кои ќе овозможат сите да учествуваат на изборите закажани за 5 јуни.

– Без разлика, сè уште има доволно време за да се имплементираат некои од важните реформи и мерки за да се исполнат барањата на сите учесници во изборниот процес и за да се однесе земјата во понапредно ниво на демократија – рече Вајгл.

Специјалниот известувач оцени дека последните настани во земјата сериозно ја загрозуваат евроатлантската иднина.

– Европската комисија и Европскиот парламент, заедно со претставниците на САД, вложија големи напори за да осигураат дека претстојните избори ќе ѝ дадат шанса на земјата за нов почеток на патот кон евроатлантските интеграции. Оваа шанса сега може да биде пропуштена поради недостиг од волја, одговорност и од подготвеност да се направи компромис во интерес на државата – заклучува Вајгл.