Македонија Утре почнува второто полугодие, основците и средношколците со физичко присуство се враќаат...

Утре почнува второто полугодие, основците и средношколците со физичко присуство се враќаат на настава

Средно училиште „Јосип Брзо Тито“ | Фото: Архива на Мета.мк

Зимскиот распуст завршува. Основците и средношколците од утре со физичко присуство се враќаат на настава во второто полугодие од учебната 2022/2023 година.

„За подобро функционирање на процесот, поради тоа што 18 јануари е среда, 19-ти е празник за поголем дел од граѓаните и 20-ти е петок, одлучивме второто полугодие да почне во понеделник. Исто така, да се изработат сите 180 работни денови до крајот на ова второ полугодие. Има три работни наставни денови и не гледам причина да има некаков проблем“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири минатата недела.

Тој рече дека учениците ќе треба да ги одработат сите 180 работни наставни денови утврдени со Календарот за воспитно-образовниот процес во училиштата и дека најверојатно и учебната година ќе заврши на 14 јуни наместо на 9 јуни.

Владата на барање на Министерството за образование и наука на седница на 10 јануари го продолжи времетраењето на зимскот распуст поради заштеда на греење и заштита на здравјето на учениците.