Владата им го продолжи зимскиот распуст на основците и на средношколците

Фото: Мета.мк

Поради заштеда на греење и заштита на здравјето на учениците, на барање на Министерството за образование и наука, Владата на 118-та редовна седница одлучи второто полугодие од учебната 2022/23 година наместо на 18 јануари, да започне на 23 јануари (понеделник) со физичко присуство за сите ученици од основно и средно образование во земјава, информираат од владината прес-служба.

На истата владина седница денеска беше разгледан и усвоен Акцискиот план за реализација и спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година.

Усвоениот Акциски план, како што соопштија од Владата, содржи временска рамка и финансиски импликации за реализација на Стратегијата до 2026 година. Националната стратегија е стратешки документ во националната политика за еднаквост и недискриминација, чија главна цел е обезбедување на конципирани решенија во реализацијата на правата на сите граѓани без дискриминација по било која основа.