Свет Балкан Утре генерален штрајк во Грција

Утре генерален штрајк во Грција

https://www.flickr.com/photos/wallyg/135116633/

Грција утре ќе биде парализирана од 24-часовниот генерален штрајк на јавната администрација. Под клуч ќе бидат сите државни служби и дел од приватниот сектор. Двата најголеми работнички синдикати ГСЕЕ и АДЕДИ и дел од приватните службеници ќе излезат на улиците во центарот на Атина во знак на револт против суровите финаниски мерки за штедење и поради финансискиот товар што им е наметнат преку новите даноци и намалувањата на платите и на придонесите.

На протестот ќе му се приклучат атинските адвокати, вработените во трговските здруженија, како и вработените во јавниот транспорт. Целосно ќе биде во прекин железничкиот сообраќај во целата држава, а ќе биде запрен и превозот во метроата и во автобусите во Атина. Поради штрајкот на контролорите на летови, ќе биде во прекин и авионскиот сообраќај.

Денеска во Грција владее медиумски молк. Новинарите штрајкуваат 24 часа во знак на солидарност со генералниот штрајк, поради што утре нема да излезе ниту еден весник во Грција.

Штрајкот за незадоволството од владините мерки доаѓа во пресрет на гласањето за новиот буџет за 2015 година и паралелно со интензивните преговори на владата со „тројката“, за да се одлучи дали Грција идната година ќе може да го напушти пакетот за штедење или ќе бидат потребни продолжување и нови мерки.

М.П.