Македонија Усвоен деловникот на Анкетната комисија за прислушувањето, Шилегов нема да има двоен...

Усвоен деловникот на Анкетната комисија за прислушувањето, Шилегов нема да има двоен глас

Членовите на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето со 12 гласа „за“, еден воздржан и еден кој не гласал, го усвоија деловникот за работа.

Претседателот на комисијата, Петре Шилегов, информираше дека членовите успеале да ги надминат сите несогласувања и дека наредната седница ќе се одржи в четврток, во 11.30 часот.

– Спорното прашање со гласот на претседателот на комисијата решено е на тој начин што во случај на поделено гласање, се закажува нова седница, на која повторно се гласа и резултатот од второто гласање се смета за конечен резултат. Доколку и по второто гласање постои изедначеност на гласовите, одлуката ќе се смета за неизгласана – вели Шилегов.

Седниците на Анкетната комисија за прислушувањето директно ќе се емитуваат на собранискиот канал. Во случај да има временско совпаѓање со пленарната седница, предност за емитување во живо ќе има пленарната седница, а седницата на Анкетната комисија дополнително ќе биде емитувана на собранискиот канал.