Свет Балкан Уставниот суд на Албанија го укина законот за проверка на судии и...

Уставниот суд на Албанија го укина законот за проверка на судии и на обвинители

Уставниот суд на Албанија го суспендираше законот за преодна ревалоризација на судии и на јавни обвинители, поинаку познат како закон за проверка.

Оваа одлука, според албанскиот Уставен суд, ќе биде на сила сè додека потемелно не се испита законското решение.

Демократската партија од Албанија на 5 октомври годинава апелираше до Уставниот суд на таа земја дека донесениот закон дозволува интервенција на владините институции во процесот на ревалоризација на судиите и на обвинителите. Тоа е во спротивност со уставот бидејќи според уставните одредби, процесот на евалуација треба да биде спроведен од независни институции создадени за оваа цел.

Законот за проверка е еден од седумте закони што го дополнуваат пакетот судски реформи кои почнаа да се имплементираат во јули 2016 година. Законот беше изгласан во албанскиот парламент во август.

Реформите на судскиот систем се една од клучните реформи што Европската Унија ги бара од Албанија заради отворање на процесот на преговори за членство на земјата во Унијата.