Македонија Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Жерновски за спорниот ДУП

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Жерновски за спорниот ДУП

Еден од оспорените планови е оној за „Панорама“ во кој се предвидува изградба на десеткатница на Водно

Уставните судии ја отфрлија иницијативата поднесена од градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во која се оспорува усвојувањето на три детални урбанистички планови.

Градоначалникот Жерновски ги оспорил плановите затоа што тие биле донесени со недоволен број гласови во општинскиот совет.

Од Уставниот суд посочуваат дека надзорот врз одлуките на општините го врши Државниот инспекторат за локална самоуправа, а Уставниот суд не е надлежен да ја оценува постапката на одлучување, освен ако се работи за примена на Бадинтеровото мнозинство.

Минатата недела Уставниот суд одлучи да ја одложи претставката на Жерновски за истите три плана, а тогаш градоначалникот кажа дека е разочаран од одлуката на судиите и дека со неа Уставниот суд само го докажал и го потврдил тоа што го пишувало во извештајот на Европската комисија, дека дражавата и партијата во Македонија се едно исто.

Исто така, Жерновски тогаш изјави дека, според негови информации, на судиите им било наложено да ги отстранат плановите, но, како што рече тој, доказите против овие планови биле толку големи и сеопфатни што судиите не можеле да ги отстранат, туку само ги одложиле за некоја наредна седница.

Еден од оспорените планови е оној за „Панорама“, во кој се предвидува изградба на десеткатница на Водно.