Македонија Уставен суд: На новинар од „Фокус“ му била повредена слободата на изразување...

Уставен суд: На новинар од „Фокус“ му била повредена слободата на изразување на 27 април во Собранието

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, сторена со две пресуди – една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје

Фото: Уставен суд на РСМ

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, сторена со две пресуди – една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје исто така од 2021 година, информираа од Уставниот суд по завршувањето на денешната седница.

Стојановски се жалеше дека државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност при упадот во Собранието на 27 април 2017 година, додека тој ги извршувал своите работни задачи во Собранието. Пресудите од двата суда, Граѓанскиот и Апелацискиот, според Стојановски, не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле, односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес, односно конституирање на ново парламентарно мнозинство.

Уставниот суд застана на страната на новинарот и се согласи дека во двете пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на Стојановски како новинар на „Фокус“, за време на настаните во Собранието од 27 април.

„Појдовна основа за заземањето на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес“, соопштија од Уставниот суд.

Претходно, Граѓанскиот суд го одбил Стојановски со образложение дека членот 10 од Европската конвенција за човекови права се однесувал на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство како што бил настанот од 27 април, пренесува Фокус.

Одлуката на Уставниот суд е деклараторна и барателот Стојановски ќе може неговите права да ги оствари пред надлежните судови.