Македонија Уставен суд ја отфрли иницијативата за „Треска“, од „Шанса за Центар“ предупредуваат...

Уставен суд ја отфрли иницијативата за „Треска“, од „Шанса за Центар“ предупредуваат за преизграденост

Оспорената одлука е донесена во согласност со тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, се вели, меѓу другото, во заклучокот на Уставниот суд

Рушење на објекти од некогашната фабрика „Треска“, 29 септември 2023 година; Фото: Мета.мк

Откако вчера Уставниот суд ја отфрли иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска и Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ да се оцени уставноста на одлуката со која е изменет ДУП Буњаковец 2, од „Шанса за Центар“ на нивната Фејсбук страница реагираат дека тоа е пат кон огромна пренатрупаност на згради и население на просторот на поранешната фабрика „Треска“.

„По спроведената уставно-судска анализа и прибавената документација за овој предмет Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани. Оспорената одлука е донесена во согласност со тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање“, се вели, меѓу другото, во заклучокот на Уставен суд.

„Шанса за Центар“ реагира дека одлуката на Уставен суд е донесена без расправа и повикување експерти, а спроведувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) што ја опфаќа и поранешна „Треска“ ќе донесе многу повеќе изградена површина отколку што е предвидено во Генералниот урбанистички план (ГУП), речиси трипати повеќе жители отколку предвидените во ГУП-от, и само еден квадратен метар зеленило на тројца жители.

Од „Шанса за Центар“ пишуваат:

„За жал се потврди правилото „Устав може да се смени, ама ДУП никако“.
На здравје нека се во Буњаковец:
-над 1 милион м2 бруто изградена површина за домување наместо 400.000 што ги дозволува ГУП-от.
-над 60% изграденост за домување наместо 22% колку што дозволува ГУП-от
-над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП-от.
-над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400 колку што дозволува ГУП-от.
– 0.36 м2 зеленило по жител или ич“, порачува граѓанската иницијатива.

Дополнително, предвидената густина на изграденост и планираните висини на објектите не се обезбедува минимален стандард за нормално хумано живеење или доволна аерација и минимални 2 часа осонченост, предупредува „Шанса за Центар“.