Свет Ураганот Ирма предизвика големи штети на два карипски острови

Ураганот Ирма предизвика големи штети на два карипски острови

Силниот ураган Ирма предизвика големи поплави и штети на неколку француски острови на Карабите, соопштија француските власти, јавуваат светските медиуми.

Ирма, кој е најсилен ураган што го погодил Атлантикот, прво ги зафати островите Антигва и Барбуда, а потоа премина на францускиот остров Свети Вартоломеј и на француско-холандскиот остров Свети Мартин, каде е предизвикана значителна штета, пренесува „Би-би-си“.

Францускиот министер за внатрешни работи, Жерар Коломб, изјавил дека четири најсолидни згради на островот Свети Мартин се уништени и дека сè уште нема информации за можни настрадани.

Ураганот корнел покриви од куќите и предизвикал прекин на електричната енергија на двата острови. Според властите на Гвадалупе и на соседните острови, противпожарната станица на Свети Вартоломеј е под еден метар вода и ниту едно возило за помош не може да се движи.

Како што јавуваат медиумите, седиштето на владата на Свети Мартин е делумно уништено и на целиот остров нема струја.

Ураганот Ирма, кој е од петта категорија, што е највисок степен на скалата за јачина на ураган, се движи на Карибите во северозападен правец со брзина од 22 километри на час и со ветер со брзина од 300 километри на час. Тој и понатаму претставува закана за Британските Девствени Острови, за источниот дел на Порторико, а можно е да го зафати и Хаити.

Станува збор за ураган кој е посилен од ураганот Луис од 1995 година, Хуго од 1989 година и од ураганот Харви кој неодамна ги погоди американските сојузни држави Тексас и Луизијана, каде загинаа повеќе од 42 лица, а беше предизвикана материјална штета од 100 милијарди долари.