Свет Европа Упаднале во џамија во Стокхолм и цртале свастики

Упаднале во џамија во Стокхолм и цртале свастики

Неидентификувани напаѓачи упаднеле по утринската молитва во џамија во шведската престолнина Стокхолм и со спреј нацртале нацистички свастики и пораки со говор на омраза по ѕидовите, а фрлале и петарди, соопшти локалната полиција.

Официјални лица од џамијата изјавиле дека сите верници, освен еден, ја напуштиле џамијата за време на нападот, како и дека верникот кој останал бил вознемирен поради тоа што се случило.

Полицијата наведе дека го истражува инцидентот кој е забележан како вандализам и како кривично дело од омраза, но дека досега никој не е уапсен.

– Ова не е нешто што се очекуваше. Тешко е да се разбере што се случува во општеството, како на меѓународно ниво така и во нашата сопствена земја. Јас веќе не ја препознавам Шведска – изјави Мустафа Тумтурк, претставник на муслиманската заедница во Стокхолм и еден од основачите на џамијата која постои од 1985 година.

Во Шведска во последните години е забележан пораст на напади на џамии и на бегалски централи, откако оваа земја прифати рекорден број на бегалци – 245.000 во 2014 и во 2015 година.