Дописници Универзитетот „Св. Апостол Павле“ ќе соработува со јапонски институт

Универзитетот „Св. Апостол Павле“ ќе соработува со јапонски институт

Ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Нинослав Марина, и претседателот на Институтот за наука и технологија од Нара, Јапонија, Наотаке Огасавара, денеска потпишале договор за соработка помеѓу двете институции.

Договорот е потпишан во рамките на посетата на ректорот Марина на Институтот од Нара, а истиот предвидува интензивирање на научната соработка помеѓу институциите.

– Институтот за наука и технологија од Нара е помеѓу водечките високообразовни институции во Јапонија со силен фокус врз истражувачката работа и со импресивни резултати во остварувањето приходи од продажба на патенти. Меѓународната соработка и поттикнувањето на истражувачката работа заземаат централно место во рамките на мојата програма и оттука сметам дека соработката со Институтот за наука и технологија од Нара нуди големи потенцијали и јас искрено се надевам дека ќе ги искористиме на најдобар можен начин во интерес на развој и на подигнување на реномето на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ – нагласува ректорот Марина.