Македонија УНХЦР: Наредните месеци секојдневно по 3.000 мигранти во Македонија

УНХЦР: Наредните месеци секојдневно по 3.000 мигранти во Македонија

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) изнесе очекувањата дека во наредните месеци во Македонија секојдневно ќе влегуваат до 3.000 луѓе.

– Не гледаме било каков крај на приливот на луѓе во наредните месеци – рече портпаролката на Високиот комесар на ОН за бегалци, Мелиса Флеминг, укажувајќи на продолжувањето на насилствата во Ирак и Сирија и влошување на условите за сириските бегалци во Турција, Јордан и Либан.

На брифингот во Женева таа рекла дека Европската унија мора да обезбеди праведна распределба на барателите на азил.

– Навистина веруваме дека ако се преземат вистински мерки, ова е нешто со кое Европа може да се избори – наведе Флеминг.

Иако ситуацијата сега е смирена, од УНХЦР и понатаму се загрижени за условите во кои се наоѓаат бегалците и мигрантите, а Флеминг ја повика ЕУ да им пружи помош на Грција, Македонија и Србија во решавањето на проблемите предизвикани од масовниот прилив на мигранти.