Свет УНЕСКО избира нови членови на извршниот совет

УНЕСКО избира нови членови на извршниот совет

Организацијата на ОН за образование, наука и за култура (УНЕСКО), денеска на генералната конференција во Париз ќе избира нови членови на извршниот совет, а меѓу земјите што во следните четири години ќе бидат застапени во ова тело е и Србија.

Гласањето почна утрово во 9 часот и ќе трае до 14 часот, а резултатите ќе бидат соопштени попладнево, преку веб-страницата на УНЕСКО.

Амбасадорот на Србија во УНЕСКО, Дарко Танасковиќ, изјави дека е извесно оти Србија денеска ќе биде избрана за членка на извршниот свет бидејќи новите членки се избираат според регионални групи, на кои им припаѓаат одреден број места, а во групата во која е Србија има четири кандидати за четири места. Тој истакна дека гласањето нема некое значење, освен во политичка смисла затоа што е престиж да се добие поголем број гласови и поголема доверба од другите држави.

Освен Србија, во групата источноевропски земји, која има вкупно седум членки, извесен е и изборот на Словенија, Литванија и на Русија, која повторно се кандидирала.

Освен во групата источноевропски земји, на која ѝ припаѓа Србија, еднаков број кандидати и испразнети места има и во групата на западноевропските земји и на Северна Америка, па изборот во извршниот совет е извесен и за Франција, Грција, Италија, Шпанија, Велика Британија и за САД.

Изборот е сигурен и за Бразил, Мексико, Хаити, Никарагва и за Парагвај, од групата земји од Латинска Америка и од Кариби.

Во групата азиски и пацифички земји се кандидираа осум земји за шест места, а во групата што ги опфаќа африканските и арапските земји има 19 кандидати за 11 места.