Свет Европа Украинскиот парламент гласаше за забрана на УПЦ поради наводни врски со Русија

Украинскиот парламент гласаше за забрана на УПЦ поради наводни врски со Русија

Владина комисија одлучи дека УПЦ сè уште е канонски поврзана со Русија и покрај тоа што црквата објави дека ги прекинала врските со Руската православна црква во мај 2022 година

Надворешноста на катедралата Успение на Кијивскиот пештерски манастир / Suicasmo, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Украинскиот парламент вчера даде првично одобрение на законот со кој се забранува Украинската православна црква (УПЦ), откако Кијив ја обвини за соработка со Русија по минатогодишната инвазија.

Украинската православна црква, која вели дека повеќе не е усогласена со Руската православна црква, ги негира обвиненијата од Кијив и рече дека нацрт-законот бил неуставен, пренесува Гардијан.

За да стапи на сила, законот треба да биде поддржан и во второ читање и одобрен од претседателот.

Законот ќе ги забрани активностите на верските организации поврзани со центрите на влијание „во држава која врши вооружена агресија против Украина“, а таквите активности можат да бидат прекинати од страна на судот.

Украинската пратеничка Ирина Херашченко на Телеграм гласањето го опиша како историско и го претстави како прв чекор кон „отстранување на московските свештеници од украинската земја“.

Властите и многу луѓе во Украина со години ја гледаат УПЦ како црква лојална на Москва и ѝ се противеа на црквата по целосната руска инвазија врз Украина од февруари 2022 година.

Владина комисија одлучи дека УПЦ сè уште е канонски поврзана со Русија и покрај тоа што црквата објави дека ги прекинала врските со Руската православна црква во мај 2022 година.

Украинската служба за безбедност соопшти дека вкупно 68 кривични случаи, вклучително и обвиненија за предавство, биле покренати против претставници на Украинската православна црква од почетокот на агресијата минатата година.