Свет Европа Украинската армија почна офанзива против руските сили во регионот Запорижја

Украинската армија почна офанзива против руските сили во регионот Запорижја

Украина со месеци планира контраофанзива, но потребно ѝ е време за да обучи војници и да ја добие потребната воена опрема од нејзините западни сојузници

Фото: ukrinform.net

Украинските воени сили почнаа напади врз окупаторските руски сили во клучниот јужен регион Запорижја, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на руски функционери и воени блогери.

Тие велат дека украински војници поддржани со тенкови, артилерија и дронови, втора вечер по ред, се обидуваат да напредуваат јужно од градот Орихив.

Високопоставен функционер во украинската одбрана тврди дека непријателот се наоѓа во состојба на активна одбрана. Неколку воени експерти порачуваа дека фокусот на украинската долгоочекувана контраофанзива ќе биде Запорижја. Тврдат дека Кијив се обидува повторно да си го врати достапот до Азовското Море, расцепувајќи ги окупаторските руски сили во регионот на две одвоени крила.

Тоа не само што би ја ослабело руската борбена моќ, туку и би го „избришало“ копнениот појас до Крим, којшто беше анектиран од Русија во 2014 година, коментира Би-Би-Си.

Украина со месеци планира контраофанзива, но потребно ѝ е време за да обучи војници и да ја добие потребната воена опрема од нејзините западни сојузници. Истовремено, украинските власти се таинствени во поглед на плановите за контраофанзива.

Русија го освои најголемиот дел од регионот Запорижја бргу откако почна инвазијата врз Украина.