Свет Европа Украина му додели орден за значајни лични заслуги на претседателот на Собранието...

Украина му додели орден за значајни лични заслуги на претседателот на Собранието Талат Џафери

Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери вчера во Загреб го прими украинскиот орден за значајни лични заслуги Јарослав Мудриот, информираат од законодавниот дом. Овој орден му се доделува на Џафери за значајните лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, за значителен придонес во популаризацијата на украинската држава во светот.

„Во рамките на Првиот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа кој што се одржува во Загреб, претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, му додели на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, Орден Јарослав Мудриот“, информираат од Собранието на РСМ.

Покрај македонскиот спикер Џафери, овој Орден за заслуги го добија и следниве претседатели на Парламенти: претседателот на германскиот Бундестаг, маршалот на полскиот Сејм, претседателот на норвешкиот парламент (Стортинг), маршалот на полскиот сенат, претседателот на Сенатот на ирскиот парламент, претседателот на Националниот совет на швајцарското собрание, претседателот на францускиот Сенат, претседателот на латвискиот парламент, претседателот на Претставничкиот дом на САД, претседателот на естонскиот парламент, претседателот на литванскиот парламент и претседателот на хрватскиот Сабор.

Инаку, македонскиот спикер Талат Џафери во април годинава беше во официјална посета на украинскиот главен град Кијив, на која што тој искажа поддршка за сувереноста и независноста на Украина и јавно ги осуди злоделата коишто ги направи Руската Федерација на тлото на Украина и кон украинските граѓани.