Македонија УХМР за денеска и за утре предупредува за силен ветер и обилен...

УХМР за денеска и за утре предупредува за силен ветер и обилен дожд

Поради јачината на ветрот вклучен е жолт метео аларм во целата земја

Фото: Архива на Мета.мк

Засилен, а повремено силен ветер од над 60 километри на час од јужен правец ќе дува денеска на територијата на целата земја, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Поради јачината на ветрот вклучен е жолт метео аларм. Од УХМР велат дека Македонија од попладнево ќе биде зафатена од циклонска активност, која од попладне ќе условува врнежи од дожд во западните делови, а во ноќните часови и низ целата земја.

„Во ноќните часови врнежите ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат пообилни, проследени со грмежи“, се наведува во временската прогноза.

Метеоролозите за утре најавуваат облачно време со врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни и можно е да наврнат над 30 литри на метар квадратен. Врнежите повремено ќе бидат поројни и проследени со грмежи, а утре ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.