Македонија Угина и третиот коњ од скопската зоолошка, донација од австриски национален парк

Угина и третиот коњ од скопската зоолошка, донација од австриски национален парк

Сомнежите се дека станува збор за намерно труење, бидејќи, како што сведочат вработените, сè се случило премногу брзо, во околината немало никаква друга храна, коњите не давале знаци на болест претходно, а во близина имало и угината птица

Фото: Image by Petra from Pixabay

Угина и третиот коњ од скопската зоолошка градина, неполни 24 часа откако угинаа и останатите два, потврдија за Мета.мк вработени во Зоолошката градина.

Станува збор за три коњи донација од австриски национален парк, со потекло од Монголија.

Угинувањето на коњите вчера беше пријавено и во полиција од страна на вработените, под сомнеж дека станува збор за труење.

„Направена е обдукција и се чекаат официјални резултати“, ни изјави Зоран Попов, в.д. директор на скопската Зоолошка градина.

Сомнежите се дека станува збор за намерно труење, бидејќи, како што сведочат вработените, сè се случило премногу брзо, во околината немало никаква друга храна, коњите не давале знаци на болест претходно, а во близина имало и угината птица.

Неодамна, жирафата Каспер, долгогодишен омилен жител на ЗОО Скопје, угина од инфекција „салмонела“. Според патохистолошката анализа од Факултетот за ветеринарна медицина, констатирано е дека оваа инфекција била пронајдена во желудникот на жирафата, црниот дроб, слезината и цревата. По овој случај, суспендиран беше ветеринарот вработен во Зоолошката градина, со оглед на тоа што жирафата подолго време страдала, а не била навремено дијагностицирана.

Угинаа два коња во скопската зоолошка, сомнежите се дека биле отруени