Хроника Уапсени лажните полицајци што ограбија двајца марокански мигранти кај Миравци

Уапсени лажните полицајци што ограбија двајца марокански мигранти кај Миравци

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија ги упасила и поднела кривични пријави против тројца жители на селото Миравци, кои лажно претставувајќи се како полицајци, во понеделеникот, неделава, нападнале и ограбиле двајца мигранти од Мароко, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Станува збор за П.Ј. (42), П.М. (34) и З.Ј. (35), кои според пријавата се товарат за разбојништво.

Според МВР, разбојништвото се случило во понеделникот околу 22 часот, кај местото Вирот, во атарот на селото Миравци. Осомничените, откако лажно се претставиле како полицајци, со дрвени палки и со електричен пиштол ги нападнале двајцата мигранти, од кои на едниот му нанеле повреда на ногата. Разбојниците потоа ги легнале двајцата мигранти на земја и им одзеле околу 600 евра, два мобилни телефони и патничка торба со лични работи.

„Од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија, веднаш по пријавување на настанот, преземени се мерки за идентификација, пронаоѓање и за фаќање на сторителите. Пријавените се идентификувани, лишени од слобода и доведени во простории на полициската станица Гевгелија, каде што со нив се извршени службени разговори“, стои во соопштението на МВР.