Свет Балкан Уапсени 14 припадници на ИД во Турција

Уапсени 14 припадници на ИД во Турција

Турската полиција уапсила 14 осомничени припадници на радикалната група Исламска држава во градот Коња, во централниот дел на Турција.

Турските медиуми јавуваат дека членовите на групата, меѓу кои има и една жена, се уапсени во истовремени рации во нивните домови.

Нејасно е дали апсењата се поврзани со вчерашниот двоен бомбашки напад во Анкара, во кој загинаа 95 лица, а 245 се ранети.

Премиерот Ахмет Давутоглу, кој прогласи тридневна жалост, изјави дека зад вчерашните напади најверојатно стои ИД или курдските милитанти.

Во меѓувреме, прокурдската Демократска партија на народите денеска соопшти дека 128 лица загинале во вчерашните напади.

Во соопштението се наведува дека успеале да ги идентификува сите загинати, со исклучок на осум од жртвите на вчерашниот напад.

Според податоците од кабинетот на премиерот, во нападот загинале 95 лица, а 160 лица се хоспитализирани, од кои 65 се на одделот за интензивна нега.