Македонија Уапсен Алил Демири – баран со меѓународна потерница за убиствата кај Смилковско...

Уапсен Алил Демири – баран со меѓународна потерница за убиствата кај Смилковско езеро

Алил Демири беше осуден на доживотна затворска казна, како првообвинет за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смилковско Езеро во близина на Скопје

Судско рочиште за случајот Монструм, 17 мај 2023 година; Фото: Мета.мк

Косовската полиција во соработка со македонската полиција го приведе Алил Демири, баран со меѓународна потерница во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското езеро, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). Демири беше осуден на доживотна затворска казна, како првообвинет за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смилковско Езеро во близина на Скопје.

„Денеска полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38), врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело „Тероризам” предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското езеро. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија“, информира МВР.

Mинатата година, откако Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за „Монструм”, а со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор, Министерството за правда за нив повторно поднесе барање за екстрадиција.

Истата година, кон средината на декември, Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепената пресуда со која шестмината обвинети за убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се осудени на доживотен затвор. На првообвинетите Алил Демири и на Аднан Исмаиловиќ им се судеше во отсуство.