Економија УЈП наплатила за 79 % помалку ДДВ, а вкупните приходи се намалиле...

УЈП наплатила за 79 % помалку ДДВ, а вкупните приходи се намалиле за 38,15 %

Во првите две недели од април, има пад од 79 проценти на наплатата на данокот на додадена вредност (ДДВ), информираше денеска на прес-конференцијата во Владата, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска. Вкупните приходи за овој период се намалиле за повеќе од 38,15 проценти.

„Во периодот од јануари до март вкупниот даночен приход кој што е собран од страна на УЈП изнесува околу 19 милијарди денари. Намалувањето на ДДВ во март изнесува 16,85 проценти или 716 милиони денари, данокот на личен доход има многу мал пад од 1,11 проценти или 17 милиони денари и данок на добивка има пад од 10,78 проценти или 177 милиони денари,“ изјави Лукаревска.

За разлика од падот на приходите од даноци, кај приходите од придонеси, во март е забележан раст од речиси 13,5 проценти или за над 13 милиони евра во однос на март лани.

Во првите три месеци од годината, повратот на ДДВ кон компаниите е 108 милиони евра, или за над 13 милиони евра повеќе од истиот период лани. Во април повратот на ДДВ е зголемен за 51,7 проценти.