Свет Европа Туск: Проверките на мигрантите пред да влезат во ЕУ ќе траат и...

Туск: Проверките на мигрантите пред да влезат во ЕУ ќе траат и по 18 месеци

Мигрантите што ќе сакаат да влезат во Европа ќе минуваат низ долги проверки, кои е можно да траат и до 18 месеци, изјавил денеска претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во интервју за шест европски дневни весници.

„Да не бидеме лицемерни – ова веќе не е прашање за меѓународна солидарност, туку проблем на европските капацитети. Европејците ќе бидат помалку резервирани ако надворешните граници на Европската унија (ЕУ) бидат подобро надгледувани“, изјавил Туск.

Како што пренесува хрватската државна телевизија ХРТ, во меѓународното право, како и според европските прописи, постои правило од 18 месеци кое одговара на времето потребно за проверки.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), во текот на оваа година во Европа пристигнале повеќе од 800.000 мигранти, четирипати повеќе отколку во 2014 година, од кои најголемиот дел се дојдени преку Турција.

Како што пренесува ХРТ, Европската комисија подготвува план за префрлање на ограничен број бегалци од Турција директно со авиони во Европа. За планот на ЕК ќе се расправа на Самитот на ЕУ, закажан за 17 и за 18 декември.