Свет Европа Туск порача дека договорот со Турција е привремен

Туск порача дека договорот со Турција е привремен

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, им нагласи на лидерите на ЕУ дека планираниот договор со Турција за запирање на приливот на бегалци и на мигранти на грчките острови ќе биде „привремена и вонредна мерка“.

Во пораката што ја упати до лидерите се наведени принципите од спогодбата, за која Туск се надева дека ќе биде склучена на утрешниот самит на ЕУ, а потоа потврдена в петок, на состанокот на лидерите на ЕУ со турскиот премиер, Ахмет Давутоглу, во Брисел.

Во пораката е нагласена потребата бегалците што стигнале во Грција да бидат вратени во Турција откако ќе бидат разгледани нивните барања во согласност со законите на ЕУ, но се додава и дека е неопходно Турција да ги заштити.

Привремената спогодба меѓу ЕУ и Турција за запирање на приливот на мигранти во замена за отстапки за Анкара, не претставува „бесплатно возење“, изјави денеска потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.

Тој истакна дека Турција би требало да ги спроведе потребните мерки до крајот на април, за до крајот на јуни да обезбеди безвизен режим во ЕУ.

Лидерите на ЕУ ќе ја разгледаат предложената спогодба на самитот во Брисел, закажан за четврток и за петок.

Тимерманс истакна дека Европската комисија верува дека ќе биде постигнат конечен договор.