Свет Балкан Турција го поздрави договорот за прекин на огнот во Сирија и најави...

Турција го поздрави договорот за прекин на огнот во Сирија и најави помош за Алепо

Турција денеска го поздрави договорот за прекин на огнот во Сирија што го постигнаа САД и Русија и соопшти дека во соработка со Обединетите нации, подготвува хуманитарна помош за северниот сириски град Алепо, јавуваат светските агенции.

Анкара соопшти дека ќе ги поддржи напорите за одржување на примирјето, како и за тоа договорот за прекин на непријателствата да прерасне во долгорочно решение.

Во меѓувреме, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, и неговиот турски колега, Мевлут Чавушоглу, денеска телефонски разговале за ситуацијата во Сирија по постигнатиот договор за примирје во земјата.

Двајцата министри се согласиле дека е важно за сите страни да се придржуваат до прекинот на непријателствата во Сирија и да го продолжат процесот на преговори, соопшти руското министерство за надворешни работи.

Вашингтон и Москва постигнаа договор за прекин на огнот во Сирија за време на разговорите меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји, Џон Кери и Сергеј Лавров, во Женева.

Како што е предвидено, договорот треба да стапи на сила в понеделник на зајдисонце, а освен прекин на непријателствата, тој предвидува и подобрување на испораката на хуманитарна помош во Сирија и заедничка борба против терористичките групи, како Исламска држава и Фронтот Ал нусра.