Свет Балкан Турција ги оцени критиките на ЕК како неоправдани и неприфатливи

Турција ги оцени критиките на ЕК како неоправдани и неприфатливи

Турските власти денеска ги отфрлија како неоправдани критиките на Европската унија за непочитување на владеењето на правото и на слободата на изразување, изнесени во годишниот извештај за ситуацијата во Турција, која сака да стане членка на ЕУ.

„Критиките се неоправдани и неприфатливи“, соопшти турското министерство за надворешни работи и додаде дека владејачката партија на правдата и развојот (АКП) е на власт 12 години и оти усвоила „серија реформи за зајакнување на правосудниот систем, како и за слободата на изразување“.

Европската комисија остро ја критикуваше Турција поради состојбата со човековите права, слободата на изразување и недостигот од демократски стандарди.

Во извештај за напредокот на Турција во евроинтеграциите, објавен денеска, Европската комисија го нагласува „севкупниот негативен тренд во почитувањата на законите и на основните права“.

„Значајните недостатоци влијаат на правосудството, како и на слободата на изразување и на слободата на собирање. Во Турција е забележано сериозно влошување на безбедносната ситуација. Решавањето на курдското прашање е запрено, без разлика на позитивниот развој“, наведува Европската комисија и бара од новата влада итно да поработи на тоа прашање.

Во извештајот се наведува дека Анкара искажала посветеност на евроинтеграциите, но дека усвоила серија закони од области на владеење на законот, кои се однесуваат за слободата на изразување и на слободата на собирање, а кои се спротивни на европските стандарди.

Турција е кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, a во 2005 година ги почна пристапните преговори. Една година подоцна Европскиот совет одлучи дека осум пристапни поглавја не можат да бидат отворени, а ниту едно да биде затворено додека Анкара не ги исполни целосно обврските преземени со спогодбата за приближување.