Свет Балкан Турските власти отпуштија 8.390 државни службеници

Турските власти отпуштија 8.390 државни службеници

Турските власти денеска отпуштија 8.390 државни службеници поради наводна поврзаност со терористички организации, а наредија и затворање на повеќе од 80 организации, меѓу кои и спортски клубови.

Како што јавуваат турските медиуми, отпуштените службеници се од 63 различни државни институции, а меѓу нив 2.687 лица се полицајци, 1.699 се вработени во Министерството за правда, а 838 се здравствени работници.  Меѓу отпуштените има и стотици вработени во други министерства, како и 631 академик и осум членови на Државниот совет.

Ова е најнова чистка во редовите на турската администрација по неуспешниот обид за пуч на 15 јули минатата година. Претходно, повеќе од 100.000 луѓе беа суспендирани или отпуштени.

Властите наредиле и затворање на 83 организации, меѓу кои и осум спортски клуба поради обвиненија дека имале активности што влијаеле на државната безбедност. Повеќето од организациите се од југоисточниот дел на Турција, каде живеат мнозинство Курди.