Македонија „Тука сме за тебе“, нова кампања за помош на жртвите на родово...

„Тука сме за тебе“, нова кампања за помош на жртвите на родово базирано насилство

Извор: Маркетинг агенција „Бренд Унион“

„Не прикривај. Пред другите и пред себе. Зборувај отворено за твоите проблеми, во сигурна средина. Тука сме за тебе“. Ова е пораката до жените кои преживуваат родово-базирано насилство, која ја упатува организација на жените на општина Свети Николе и невладината организација „КХАМ“ од Делчево, со која ги повикуваат да побараат бесплатна психо-социјална и правна помош од нивните стручни тимови на www.tukasmezatebe.mk.
„Кампањата е реализирана во соработка со Фондацијата Квина тил Квина и Коалиција Маргини и има за цел пред сè да ја истакне важноста и потребата од психо-социјална помош кај жените кои преживуваат родово-базирано насилство. Од организациите велат дека жените кои преживуваат родово-базирано насилство се соочуваат со големо чувство на страв и срам поради кое не можат да видат излез од ситуацијата во која се наоѓаат“, стои во соопштението до медиумите.
Во него се додава дека стигматизацијата и предрасудите во општеството се дополнителна причина за молк, па преку разговор и советување со стручни лица, тие може да ја добијат потребната поддршка и разбирање и заедно со организациите да дојдат до решение на проблемите со кои е тешко да се борат сами.
Покрај психо-социјалната поддршка, организациите нудат и бесплатна правна помош. Лицата кои се соочуваат со каква било форма на родово-базирано насилство може да побараат помош на www.tukasmezatebe.mk или да остварат директен контакт на +389 33 413 695 во невладина организација „КХАМ“ Делчево, како и на +389 32 444 620 во „Организација на жените на општина Свети Николе“.