Македонија ЦРМ: Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за реформи во медиумите се несериозни

ЦРМ: Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за реформи во медиумите се несериозни

Центарот за развој на медиуми смета дека предложените законски измени на ВМРО-ДПМНЕ се несериозни и неприфатливи.

Според ЦРМ, сите резултати од преговорите што произлегуваат од Договорот од Пржино треба да бидат насочени кон обезбедување фер, непристрасно и објективно известување на медиумите, а, пред сè, на МРТ, во периодот до и за време на изборите.

„Предлогот медиуми да бидат само оние информативни интернет-страници што се регистрирани како трговски друштва, не само што е обид за игнорирање на новата реалност што појавата на интернет, како лесно достапна, отворена и демократска платформа, ја донесе во медиумскиот сектор, туку и директно е спротивен на повеќе меѓународни документи, вклучително и на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Јавните институции не треба воопшто да имаат можност да купуваат комерцијално рекламно време на електронските медиуми или простор во печатените и во интернет-медиумите“, велат од ЦРМ.

ЦРМ смета дека сите системски решенија, во МРТ, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во правната поставеност на медиумското законодавство, треба да се спроведуваат дури по изборите, преку соодветна јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни и сите граѓани на Македонија.