Македонија „Цивил“ бара политичките партии, кандидатите и институциите да ги почитуваат законите

„Цивил“ бара политичките партии, кандидатите и институциите да ги почитуваат законите

Невладината организација „Цивил“ упати барање до политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и за манипулација на гласачите.

„Бараме од родителите и од наставниот кадар да ги почитуваат децата и да ги остават надвор од политиката. Секој обид да се наруши изборниот молк и да се прекршат законите поврзани со изборниот процес, веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови). Бараме од Државната изборна комисија и ја охрабруваме да ги искористи сите свои законски ингеренции до максимум за да спроведе законит, демократски, фер и слободен изборен процес. Ингеренциите на ДИК се највисоки од сите досегашни состави на оваа институција и таа се наоѓа на врвот на изборниот процес. ДИК не мора да чека приговори и жалби, туку може да дејствува според сопствени наоди и мислење“, велат од невладината.

„Цивил“ ги повика граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување, а оние кои нема да се најдат на Избирачкиот список, тоа да го пријават. Невладината организација апелираше до медиумите да бидат непристрасни и професионални, да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност.