Свет Балкан Ципрас во Брисел: За името, според меѓународното право и во ООН

Ципрас во Брисел: За името, според меѓународното право и во ООН

Новиот грчки премиер, Алексис Ципрас, доцна синоќа во Брисел, повтори дека „разликите што ги имаме“ треба да се решаваат со почитување на меѓународното право, во рамките на Обединетите нации и дека Грција тој став нема да го промени.

На прашањето на дописничката на „Мета“, на прес-конференцијата на Ципрас по неформалниот состанок на шефовите на држави и на влади, „дали мисли да преземе нешто за да ги деблокира односите со северниот сосед и ако веќе не планира, да преземе чекори во врска со прашањето на името“, Ципрас возврати: „Кога велите односи со соседна земја, на која мислите? Ние имаме многу соседи…“ Иако дописничката потврди дека зборува за Република Македонија, грчкиот премиер не реагираше на спомнувањето на уставното име и го даде и досега користениот одговор.

– Нашиот став е дека треба да имаме суштински врски и соработка со сите наши соседи и така ќе правиме и понатаму, имајќи предвид дека сите разлики треба да се решаваат со почитување на меѓународното право и во рамките на ООН. Така ќе правиме и во врска со  разликите што ги имаме со нашиот сосед БЈРМ. Ова е наш стар став и нема да го промениме – рече Ципрас.