Свет Балкан Ципрас: Направен е напредок, но сè уште е долг патот до договор...

Ципрас: Направен е напредок, но сè уште е долг патот до договор за името

Се обврзувам дека во следниот период со патриотска одговорност ќе се стремам кон заемно прифатливо решение на прашањето за името, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето до јавноста по денешните средби со лидерите на политичките партии во Грција, пренесува македонската државна новинска агенција МИА.

Ципрас рече дека е направен напредок, но оти сѐ уште е долг патот до договор. Тој ја повтори позицијата за сложено име со географска или временска одредница, за севкупна употреба, додавајќи дека тоа се однесува како на меѓународното име, така и на името во внатрешноста.

Ципрас на средбите со грчките опозициски партии рекол дека оваа година има отворен прозорец на можност за решение, бидејќи, како што истакнал, новото политичко раководство во земјава покажува волја да преговара, но и дека новата влада ја има сменето и во некоја мерка повлечено иредентистичката реториката на претходните влади, факт што според грчкиот премиер, може да ги интензивира преговорите.

– Карактеристичен беше потегот на господинот Заев да го преименува меѓународниот аеродром во Скопје, но и автопатот Солун – Скопје од „Александар Велики“ во „Пријателство“. Овие симболични чекори не значат дека е решен проблемот со иредентизмот, бидејќи политичката волја на нашите соседи треба добие облик на јасни и конкретни обврзувања во рамките на разговорите што се водат како на билатерално, така и во рамките на медијаторствто на Обединетите нации – рече Ципрас во обраќањето до јавноста.

Тој рече дека неговата влада има волја и одлучност за затворање на долгогодишниот проблем, и повторувајќи ги грчките црвени линии, истакна дека Грција нема кон никого обврска да го реши прашањето за името, туку тоа е во служба на среднорочните и долгорочните национални интереси и стабилноста на Балканот.

Во однос на разговорите со лидерите на политичките партии во земјата, Ципрас рече дека со повеќето имал искрен разговор што може да доведе до поклопување на политичките позиции и поширок консензус. Тој го критикуваше лидерот на најголемата опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис поради неговата позиција по денешниот состанок – да не и даде поддршка на владата за формирање на поширок национален консензус за прашањето за името.