Свет Европа Ципрас: Грција поднесе целосен план, топката е во рацете на ЕУ

Ципрас: Грција поднесе целосен план, топката е во рацете на ЕУ

Грција ноќеска испратила целосен и детален план со предлози и со идеи до меѓународните кредитори. Грчкиот премиер Алексис Ципрас, при посетата на Министерството за образование, обелодени дека од грчка страна е испратен детален план со конкретни и реалистични предлози, план во кој се направени тешки отстапки за да се излезе од кризата.

„Направивме тешки отстапки и поднесовме реален план за излез од кризата, кој ако биде прифатен од институциите, ќе стави крај на сценаријата за поделба на Европа“, изјави Ципрас, додавајќи дека грчкиот народ добро ја знае разликата меѓу влада што преговара и претходните влади, кои едноставно ги потпишувале и ги прифаќале условите на кредиторите.

Според Ципрас, топката сега е во раце на ЕУ и на меѓународните кредитори. Нивните следни потези за грчкиот премиер ќе покажат дали тие навистина сакаат да се најде решение за Грција или не. Ципрас истакна дека дилемата е дали ЕУ сака реалистично решение или, пак, сака да види поделба и распад на Унијата.

„Одлуката дали сакаат да се најде решение е во рацете на политичките лидери на Европа по нашето синоќешно доставување целосен план до бриселската група“, истакна Ципрас.