Свет Балкан Ципрас го критикуваше Рама за третманот на грчкото малцинство

Ципрас го критикуваше Рама за третманот на грчкото малцинство

Премиерите на Грција и на Албанија, Алексис Ципрас и Еди Рама, во телефонски разговор истакнале дека е важно за граѓаните на нивните земји, но и за регионот, владите на двете земји да имаат регионална соработка, се вели во соопштението од кабинетот на грчкиот премиер.

Грчкиот премиер ја изразил својата континуирана посветеност на оваа цел, но дал забелешка за зголемената националистичка реторика, која, според него, ја нарушува климата на доверба што е потребна за напредокот на билатералните односи мешу двете балкански земји.

Ципрас ја истакнал потребата од преземање значајни чекори за конкретни резултати во соработката на двете земји, за што Грција поставила серија иницијативи.

Покрај тоа, тој нагласил дека заштитата на правата на грчкото малцинство е основно прашање во односите меѓу двете земји.

Пред неколку дена, албанскиот премиер Еди Рама ја потсети Грција дека албанската влада нема да молчи за проблемите меѓу овие две земји.

Телефонскиот разговор се случува по протестната нота испратена од албанското министерство за надворешни работи, откако двајца албански државјани, дистрибутери на книги за албански паралелки во Грција, добија 30-дневен притвор во отсуство.