Свет Балкан Ципрас дециден дека нема да има нови мерки за штедење

Ципрас дециден дека нема да има нови мерки за штедење

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, испрати остра порака до кредиторите дека Грција нема да спроведе ниту една дополнителна мерка од тие што се веќе договорени. Точно две години откако СИРИЗА е на власт во државата, Ципрас во интервју за „Весник на новинарите“ порачува дека нема да дозволи нови притисоци од кредиторите и стави крај на гласините за нови мерки за штедење во државата.

„Категорично истакнавме дека нема шанса да усвоиме ниту едно евро дополнителни мерки за штедење. Барањето за нови мерки за штедење, и тоа условно, не е само против грчкиот Устав, туку е против законите на демократијата и европското право“, вели Ципрас во интервјуто.

Грчкиот премиер ги отфрла сите можности за предвремени избори. Како што вели, не се плаши од предвремени избори, но не гледа поента тие да се организираат сега.

„Ние секогаш бевме назад во предизборните анкети, но победивме на изборите. Изборите ќе се организираат кога е предвидено и откако државата ќе излезе конечно од кризата“, вели грчкиот премиер.

Најновите анкети повторно ја покажуваат СИРИЗА на второ место зад десничарската Нова демократија, но покажуваат и голема разочараност и недоверба на граѓаните и кон двете партии и општо кон политичкиот систем во државата.