Свет Балкан Ципрас бара средба со Јункер

Ципрас бара средба со Јункер

Грчкиот премиер Алексис Ципрас побарал следната недела да се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, соопштуваат извори од грчката владаа.

– Премиерот го повика господинот Јункер да организираат состанок следната недела – соопшти неименуван извор од владата во Атина.

Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ претходно објави дека Ципрас сака денеска да се состане со Јункер, но дека неговото барање е одбиено.

Официјална Атина е во постојан обид да пронајде средства за да го реши проблемот со отплатата на огромниот долг.
Европската централна банка вчера влеа извесна надеж кога соопшти дека обемот на итниот фонд за зачувување на ликвидноста е зголемен за дополнително 500 милиони евра, со што на грчките банки на располагање им се ставени 68,8 милијарди евра.

Сепак, ЕЦБ го задржа остриот став кон Атина, порачувајќи дека се подготвува да ја обнови главна финансиска линија за грчките банки, откако Атина ќе постигне спогодба за долгот со партнерите од еврозоната. Доколку не се постигне договор, Грција ќе нема пристап до преостанатите средства од пакетот помош од ЕУ и од ММФ од 240 милијарди евра.