Свет Европа Цената на рускиот гас за Украина е иста како и за членките...

Цената на рускиот гас за Украина е иста како и за членките на ЕУ

Рускиот премиер Дмитриј Медведев потпиша указ со кој е одредено, цената на гасот за Киев да биде иста како и за членките на ЕУ што се граничат со Украина, објавено е на веб-страницата на Владата на Руската Федерација.

Во соопштението се прецизира дека указот се однесува на извозот на гас во период од 1 октомври до 31 декември 2015 година, пренесува „Таш“.

Во текот на денот, во Брисел ќе биде одржана нова рунда на трилатерални разговори со ЕУ, Украина и со Русија за „зимскиот пакет“, односно цената на рускиот гас во периодот од 1 октомври годинава до април 2016 година.

Москва очекува дека за време на овој состанок ќе биде потпишан договор за гасот, изјави вчера рускиот министер за енергетика, Александер Новак.

Украинскиот „Нафтогас“ го сопре купувањето на рускиот гас од третиот квартал од 2015 година, иако цената за 1.000 кубни метри на овој енергент беше помала од 20 до 30 долари од цената што Украина ја плаќа во Европа.