Македонија Царовска: ОЈО одлучува против кого ќе има обвиненија за злоупотребуваните штитенички

Царовска: ОЈО одлучува против кого ќе има обвиненија за злоупотребуваните штитенички

Истрагата на Обвинителството ќе покаже кон кого и за што ќе се покренат обвиненија во случајот со злоупотребуваните штитенички од Домот „25-ти Мај“, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа потсети дека за ова, Министерството направило детален инспекциски надзор и на установата „25 Мај“ и на центрите за социјална работа.

– Против 12 лица е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а дополнително се поднесени 12 прекршочни и дисциплински постапки до Центарот за социјална работа – рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Царовска нагласи дека Владата и Министерството се залагаат за брза трансформација и на „25 Мај“ и на „Ранка Милановиќ“ како институции кои, како што рече, биле запуштени во изминатите 10 години и од што денеска само се гледаат резултатите.

– Сметаме дека заштитата на децата е битна цел и дека со брзата трансформација на овие институции ќе се обезбеди квалитетна заштита и грижа за лицата што се сместени таму – додаде Царовска.