Главна секција Трошоците за живот за една година скокнале за 10,5 отсто, маслото со...

Трошоците за живот за една година скокнале за 10,5 отсто, маслото со повисоки цени од 31,9 отсто

Фото: Mehrad Vosoughi on Unsplash

Двоцифрена инфлација „тропа на вратата“ во Македонија. Трошоците за живот во април 2021 година во споредба со истиот месец лани се зголемени за 10,5 отсто, додека цените на мало пораснале за 11,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Споредено со март 2022 година, трошоците за живот во април пораснале за 2,2 отсто, додека цените на мало за 2 отсто. За само еден месец, маслото и мастите поскапеле за 20,2 отсто, додека свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 12,9 отсто. Поскапувања во период од еден месец има и кај свежото и разладеното овошје, сирењето и урдата, месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, односно на речиси сите прехранбени продукти.

ДЗС регистрирал минимално поевтинување во април на мал број на производи, но ниту еден од нив не е во делот на прехранбените производи.

Огромно зголемување е регистрирано и во транспортот од дури 21,8 отсто во периодот од април лани до истиот месец годинава. Притоа, патниот патнички превоз поскапел за 16,9 отсто, додека цените во воздухопловниот патнички сообраќај се зголемени за 52,9 отсто. Промени нема единствено кај железницата.

Погледнато во период од една година, најголемо е поскапувањето од 31,9 отсто кај маслото и мастите. Севкупно земено, од април 2020 до април 2021 година трошоците за живот во делот на храната и безалкохолните пијалоци се зголемени за 14,8 отсто.

Покрај зејтинот, кај храната за период од една година е забележливо зголемувањето на зеленчукот за 24,1 отсто, додека индексот на трошоците за живот кај лебот и житата пораснал за 17,2 отсто. Станува збор за основни потреби кои служат за прехранување на населението во земјава.