Свет Европа Три напади во Лондон – еден загинат и пет поврдени

Три напади во Лондон – еден загинат и пет поврдени

Најмалку едно лице загина, а повеќе се повредени во трите напади што вечерва се извршени во Лондон, соопшти полицијата.

Засега не се знае дали инцидентите се поврзани, а на социјалните мрежи се појавија голем број снимки од полициски акции на Лондонскиот мост, како и во баровите и во рестораните. Една од снимките е направена во бар во близина на мостот, на која се гледа како полицијата упаѓа во локалот и бара присутните да легнат на земја.

Првиот напад се случил на Лондонскиот мост, каде возач во бело комби прегазил пешаци, а потоа се пријавени инциденти во Бороу, каде лице напаѓало случајни минувачи со нож. Третиот инцидент, како што јавува полицијата, е во лондонскиот кварт Вокшол.

Полицијата наведува дека инцидентите на мостот и во Бороу веројатно се поврзани со тероризам, додека за третиот сè уште не е потврдено. Мостот е затворен за сообраќај во двете насоки.

„Би-би-си“ пренесува дека полицијата го уапсила возачот, но сè уште нема доволно информации. Според одредени медиуми, повредени се најмалку пет лица, а полицијата трага по три осомничени лица за кои се верува дека се вооружени.

Премиерката Тереза Меј е известена за ситуацијата и е во контакт со полициските органи. За вечераниот инцидент е информиран и американскиот претседател Доналд Трамп.

Инцидентите во Лондон се случуваат десетина дена по нападот во Манчестер, кога бомбаш самоубиец усмрти 22 лица на концерт на пејачката Аријана Гранде.