Македонија Три години од црниот понеделник

Три години од црниот понеделник

Три години поминаа откако власта и опозицијата се степаа во Собранието, новинарите беа исфрлени од собраниската галерија од каде ја следеа расправата за усвојувањето на буџетот, а пред Собранието опозицијата ги блокираше улиците.

По овие настани следуваше политичка криза, која се решаваше со посредство на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, а крајниот резултат беше потпишувањето на мартовскиот договор, со кој партиите договорија опозицијата да се врати во Собрание. Формирана беше анкетна комисија за 24 декември на која беше договорено да се направи измена во Изборниот законик, да се предвидат нови рокови за доставување и за усвојување на буџетот и да се врати слободата на медиумите и дијалогот со новинарите.

Иако поминаа три години, ситуацијата не е многу поинаква. Опозицијата пред неколку месеци, по потпишувањето на Договорот од Пржино, го прекина бојкотот и се врати во Собранието. Формирана е анкетна комисија за расветлување на скандалот со прислушуваните разговори, а политичарите сè уште се обидуваат да ја решат катастрофалната ситуација во медиумите.

Новинарите и политичарите од опозицијата денеска на социјалната мрежа „Фејсбук“ споделуваат фотографии од црниот понеделник, со назнака „да не се повтори“.