Македонија Тренчевска: Овозможуваме и таткото да се вклучи во грижата на своето дете

Тренчевска: Овозможуваме и таткото да се вклучи во грижата на своето дете

Фото: Министерство за труд и социјална политика

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска изјави дека со новините во Законот за работни односи не се кратат досегашните права во однос на породилното отсуство, туку се дава можност и таткото да се вклучи во грижата на своето дете. Таа на прес-конференција во Владата појасни дека новините се прават за да се усогласи нашата легислатива со европската.

„За да можеме да го приближиме нашето законодавство кон стандардите на ЕУ, мора да ги транспонираме европските директиви. Најновата европска директива која што се однесува на породилното отсуство, односно на посебната заштита на жената или на усогласување на семејниот со професионалниот живот, е токму транспонирање делот од новиот закон за работни односи“, рече таа.

„Со предлог законот воведуваме три нови институти, односно родителско, мајчинство и татковство“, рече Тренчевска.

Како што појасни, тоа значи дека не се крати сегашното породилно отсуство, односно периодот од девет месеци, туку напротив се дава можност и таткото да се вклучи во грижата на своето дете во првите две години од раѓањето на детето, односно се овозможува родителско отсуство од четири месеци.

„Имаме мајчинство од пет месеци, па четири месеци родителско отсуство за мајката и четири месеци родителско отсуство за таткото. Тоа значи дека мајката и таткото можат да ги користат заедно, наизменично или еден по друг, зависи од договорот помеѓу двајцата родители“, рече Тренчевска.

Предвидени се и 15 дена татковство од првиот ден на раѓање на детето доколку се роди едно, како и 20 дена доколку станува збор за близнаци или повеќе деца, посочи министерката.