Подглавна секција Трамп го шокираше светот со нов предлог за лекување од корона вирусот...

Трамп го шокираше светот со нов предлог за лекување од корона вирусот – да се вшприцуваат дезинфициенси

Фото: Принтскрин од видеоматеријал од Белата Куќа.

Претседателот на САД предизвика огромен револт од медицинската и од широката јавност во светот, откако на вчерашниот брифинг во Белата Куќа изнесе „размислување“ дека би требало да се истражи лекување на болните од Ковид-19 со вшприцување дезинфициенси во телото за да се убие вирусот или пак „внесување“ УВ-зраци во телото за да се убие вирусот, извести „Гардијан“.

Експертите порачуваат дека никој не би смеел да помисли да си шприцува дезинфициенс или да користи УВ-зраци, оти тоа е крајно штетно и смртоносно.

На брифингот на штабот за борба против корона вирусот, научниците посочиле дека вирусот брзо ја губи силата кога е изложен на сонце, топлина и влага, а како резултат на нивното истражување откриле и дека варикина би можел да го убие вирусот во капките или во респираторните течности во рок од пет минути, а изопропил-алкохолот наводно може да го стори истото во покусо време, по што Трамп, почнал со своите предлози за примена на УВ-зрачењето.

– Да претпоставиме телото да го изложиме на многу силни.. без разлика дали УВ-зраци или многу моќна светлина… А мислам дека рековте дека не сте го тестирале тоа, но ќе проверите? А потоа јас реков, да претпоставиме да го внесеме тоа светло во телото, било преку кожата или на друг начин… Мислам дека рековте дека ќе го тестирате тоа? – рече Трамп обрајќајќи ѝ се на докторката Дебора Биркс, која е координаторка за борба против коронавирусот во Белата куќа.

Таа не дава конкретни одговори, а претседателот на САД потоа почнува со предлози за користење дезинфициенси. Тој потоа продолжил да изнесува предлози кои би можеле да се тестираат.

– И гледам дека дезинфициенс го убива за една минута. Една минута. Има ли начин да направиме нешто, дали преку инјекција внатре, или речиси едно прочистување. Бидејќи, нели, влегува во белите дробови и прави многу штета (мисли на корона вирусот), па би било интересно да се провери тоа – вели Трамп.

Но Биркс и на тоа остана нема.

Професори по медицина порачуваат воопшто да не се послушува тоа што Трамп, односно да не се зрачите со УВ-зраци или силна светлина, ниту да пиете или да вшприцувате дезинфициенси, оти дури и да не умрете набргу како последица на таквите постапки, ќе нанесете огромни оштетувања на организмот и неповратно ќе го нарушите здравјето.