Македонија Трамп: Честит 8 Септември, САД се горди што се ваш сојузник

Трамп: Честит 8 Септември, САД се горди што се ваш сојузник

Фото: Принтскрин

Соединетите Американски Држави (САД) се горди што се ваш сојузник и ги поддржуваат аспирациите на Северна Македонија за понатамошна европска интеграција и за вашиот пат кон членство во Европската Унија, напишал американскиот претседател Доналд Трамп во честитката до претседателот Стево Пендаровски, по повод 8 Септември, Денот на независноста.

„Оваа година одбележувањето е во околности кога сме соочени со глобалната пандемија. И покрај овој огромен предизвик, Северна Македонија безбедно и транспарентно одржа демократски избори во јули, а вашата земја останува посветена на унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Во прилог на позитивниот исчекор со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата, како домаќин на големи вежби на воениот полигон Криволак“, се наведува во честитката на претседателот Трамп.

Честитката од Доналд Трамп на македонскиот претседател денеска му ја предала амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнс, информираат од кабинетот на Стево Пендаровски.

На средбата меѓу амбасадорката Брнс и претседателот Пендаровски се разговарало за предизвиците коишто ги носи пандемијата на ковид-19, во чие справување од помош беше и американската поддршка за здравствените работници, како и за останатите сектори за граѓаните коишто беа погодени од кризата.

„Соговорниците разменија мислења и за предизвиците коишто и претстојат на новата влада и потребата од одржување на националниот консензус со цел успешно да ги спроведеме реформите потребни за исполнување на нашата втора стратешка цел, членството во ЕУ, откако станавме полноправна членка на НАТО изминатата пролет“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.